Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска во Основниот кривичен суд во Скопје сведочеше дека експремиерот Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацови на Водно“, барал од него да му предложи архитекти, односно проектанти за парцелите на Водно и во Крушево, кои се дел од обвинението во овој предмет.

Но, како што рече, за овие парцели се дискутирало, како и за многу други, во рамки на активностите на Комитетот за градежна експанзија, па во неговото сведочење не посочи дека станувало збор за личен интерес на бившиот премиер. Меѓутоа, од друга страна, рече дека „бомбите“ што беа објавувани за земјиште на Водно може да ги поврзе со локациите за кои своевремено дискутирале.

Јанакиески раскажа дека едната парцела на Водно од околу 3 000 квадратни метри, која била државно земјиште, на јавно наддавање ја купила фирмата „ИТК инженеринг“ каде што сопственик или управител бил Александар Ивановски – Алек Теранова.

Бизнисменот, рече Јанакиески, како и за многу други локации, го контактирал да го праша за процедурите за јавно наддавање со оглед дека тогаш во 2012 година новина било воведувањето електронско наддавање. На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, дали и други лица го распрашувале, тој рече дека и тогашниот премиер Никола Груевски го прашувал, но не само за таа туку и за други локации.

-Многу често со тогашниот премиер Никола Груевски, за многу објекти, тој ме прашуваше за архитекти, урбанисти итн. бидејќи Министерството за транспорт и врски издаваше лиценци. Конкретно, и за оваа локација ме имаше контактирано, но и за други. Јас му предочив неколку архитекти кои може да го изработат тој проект. Што се случи понатаму, не можам да кажам,  сведочеше Јанакиески.

 Преземено од „360степени“.