Градоначалникот на Тетово Биљал Касами денеска изјави дека долгот на Општината изнесува 24 милиони евра и најави поставување на монитор на главниот плоштад на кој дневно ќе може да се следи износот и да се види дали се намалува. Според него, жално е што се натрупале толку долгови, особено за четирите години на неговата претходничка Теута Арифи кога е зголемен за 10 милиони евра. Касами ја најави можноста наскоро да објави колкав долг е направен само преку една институција, односно преку едно лице.

„За да бидеме транспарентни се подготвуваме преку монитор долгот на општината да биде видлив за граѓаните на плоштадот. Исто така долгот детално ќе биде објавен на веб страницата на Општината. Три недели сум ангажиран на скенирање на состојбите. Жално е како е оставена општината со многу делгови и бројни неправилности во сите области. Граѓаните заслужуваат да знаат што се случува со нашата општина“, рече Касами.

Тој ангажирал внатрешна ревизија која детално ја анализира стуктурата на долговите.

„Во текот на следната недела, кога ќе имаме поконкретна информација, ќе објавам еден значаен дел од долгот кој е направен само преку една институција односно едно физичко лице.Тој дел ќе се намали со обжалување на сите решенија кои се донесени и ќе се ангажира и адвокатска куќа која ќе ги анализира сите постапки односно тоа што не е постапено од Општината и се надеваме дека тој дел кој не е реален ќе биде тргнат од обврски на општината“, рече градоначалникот и најави дека со приватни оператори ќе преговара за да не ги калкулираат затезните камати.

Тој смета дека во вториот мандат на доскорешната градоначалничка Теута Арифи се направени долговите.

„Владата дел од долгот им ги отплати на општините. Од тој момент општина Тетово прикажа 15 милиони долг од кои 7,5 милиони беа исплатени од Владата. За само четири години, во вториот мандат на Арифи, долгот е зголемен за 14 милиониевра. А, само три месеци пред изборите,  има долг од три милиони евра за проекти кои сега се испратени до Антикорупциска комисија на проценка. Постои и друг дел од долгот кој ќе биде обжален, а сите луѓе кои се инволвирани ќе се бара да дадат одговор“, истакна Касами.