Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на Министерството, оствари работна средба со делегација на Македонскиот полициски синдикат, предводена од претседателот Марјан Кицев.
На средбата, како што соопшти МВР, министерот го информирал раководството на Синдикатот за предлог буџетот на Министерството за 2022 година и го потенцирал планираното зголемување на платите за пет проценти за вработените во Министерството. Тој го потенцирал и досегашното реновирање на 63 полициски објекти и планот следната година да се реновираат други полициски станици, како и почетокот на градба на ПС Аеродром, реконструкција на Центарот за обука во Идризово и реконструкција на Одделот за граѓански работи.
– При реконструкциите е посебно запазена и еколошката и штедлива компонента на користење на енергетски ефикасни материјали, така што веќе ниту еден објект на МВР од следната година нема да користи цврсти горива за затоплување, а генерирана е и заштеда само на електрична енергија од пет милиони денари, наведуваат од МВР.
Спасовски го информирал раководството на Синдикатот за поделбата на новите униформи за повеќе оддели во МВР, како и за опремата (кондури, чизми, јакни и друго) која се очекува да стигне и да биде поделена до јануари 2022.
Претседателот на Македонски полициски синдикат, Марјан Кицев се заблагодарил за соработката на Министерството со Синдикатот, посветеноста кон унапредување на работните, материјално техничките и оперативни услови за полициските службеници.
Спасовски и Кицев разговарале и за други теми важни за полициските службеници, како условите од колективниот договор и листата на плати, решавање на проблемот со дневниците на полициските службеници настанат од Законот за извршување на буџетот и се сложиле за најбрзо можно решавање на овие тековни проблеми.