Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда на Кривичен суд Скопје за случајот „Насилство во Општина Центар”, во кој првообвинетиот Никола Груевски беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, а останатите беа осудени на условни казни, односно алтернативни мерки.

Во соопштението на Основен суд се наведува дека постапувале по жалбите на обвинетите и нивните бранители, но жалбите се отфрлаат како неосновани и пресудата на Кривичниот суд се потврдува.

Овој случај беше отворен за насилството што се случуваше на протестите на 7 и 10 јуни 2013 година пред просториите на Општина Центар. Според обвинителството, протестите ги организирал врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта не била да се спречи уривање на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, како што се прикажуваше, туку да не дојде до промена на ДУП за „Мал ринг“.

А предметот „Тарифа” го врати на повторно судење.
Во предметот на „Тарифа“ обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.