Американскиот заменик помошник секретар Габриел Ескобар на денешната конференција „Отворен Балкан – Пат кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“, која се одржа во српското Народно собрание во Белград, изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, но веруваат дека оваа иницијатива нема да биде целосна без вклучување на сите шест економии од Западен Балкан.

Според него, во реализацијата на оваа иницијатива, Србија, Албанија, Северна Македонија ќе се соочат со многу предизвици, како што се контрола на границите по нивното отворање, подобра ефикасност на судовите, намалување на корупцијата, намалување на државната контрола врз економијата.

– Покрај тоа, важно е овие три земји што ја покренаа иницијативата да бидат многу отворени и да разговараат тесно со другите три партнери кои се скептични. Без шесте земји, оваа иницијатива не може да успее, кажа Ескобар.

Toj додаде дека се подготвени да помогнат на тој пат, сè да биде во согласност со меѓународните стандарди, да станеме, како што рече, партнери со Европа за да се осигураме дека овој регион ќе стане една од најважните економии во Европа.