Премиерот Зоран Заев се огласи на Фејсбук по повод Буџетот за 2022 кој е влезен во собраниска процедура, поточно во комисиска расправа. Како што е познато ВМРО-ДПМНЕ поднесе 220 амандмани.

-Во Предлог-буџетот за 2022 година финансиски се пресликани приоритетите на кои Владата посветено ќе работи во текот на следната година.

Преку Буџетот се обезбедува навремена исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, субвенции, како и реализација на капиталните инвестиции, коишто за 2022 година се планирани на историски највисоко ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки од буџетскиот дефицит.

Основни цели на Буџетот за 2022 година се: Економско заздравување и забрзан раст; Фискална одржливост; Зачувување на здравјето и животите на граѓаните; Поддршка на институционалните реформи и европските интеграции. Одлика на овој Буџет е дека парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот. Затоа значајно е Буџетот за 2022 година да се донесе во законски предвидениот рок, со цел непречено финансирање на функциите на државата, пишува Заев .