Во Собранието денеска треба да почне расправата по Предлог-буџетот за 2022 година. Според објавата на веб страницата на Собранието, Предлог-буџетот е ставен на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет закажана во 11 часот, а потоа треба да биде разгледан и на Законодавно-правната комисија.

Подготовката и донесувањето на буџетот е пропишано со закон и во него се наведени прецизни рокови според кои треба да се постапи. Согласно тие рокови, буџетот од страна на Собранието треба да се донесе најдоцна до крајот на годината.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема да го блокира донесувањето на буџетот, а ќе поднесе околу 200 амандмани на комисиската расправа. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски во изјава за Фокус вели дека амандманите се во интерес на граѓаните и дека нема да го блокираат носењето на буџетот исто како што не ги блокирале другите економски пакети.