ЕУ ќе ја понижи Бугарија со цел Северна Македонија да добие зелено светло за почеток на преговорите и сето тоа е поради неуспешната надворешна политика на Румен Радев, изјави за Нова ТВ поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов.

Advertisements

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Борисов го цитира францускиот претседател Емануел Макрон, дека до декември Северна Македонија треба да почне преговори, што, според него, значи оти ЕУ ќе ја принуди Бугарија да направи отстапки и, како што вели, сето тоа е поради претседателот на земјата, Радев.

Според Борисов, Румен Радев претставува голема штета за Бугарија. Тој, според лидерот на ГЕРБ, ги поделил партиите во земјата и тие станале анти-Радев и про-Радев и анти-Борисов и про-Борисов.

Тој изрази жалење што работите отишле во оваа насока и нагласи дека постоела можност тие двајцата, како искусни лидери подобро да се справат со кризата.

Борисов смета дека доколку тој биде кандидат за премиер, што, како што вели, го сакаат гласачите на ГЕРБ, тоа ќе предизвика поделба во Бугарија.

– Ако станува збор за партиски кандидат за премиер на Бугарија би го предложил Томислав Дончев, но и него нема да го прифатат, бидејќи е поврзан со ГЕРБ, вели Борисов и додава дека тој би предложил човек од типот на Лозан Панов.

– На тој кандидат за премиер ќе му дадам сто отсто право да ги избере министри и да се договори со другите политички партии, изјави Борисов, за тоа како би дејствувал ГЕРБ по парламентарните избори во Бугарија на 14 ноември.

Инаку Лозан Панов е кандидат на претседателските избори во Бугарија.

Во Бугарија в недела се одржуваат парламентарни и претседателски избори. Според најновото истражување на агенцијата „Алфа Рисрч“, во новиот бугарски Парламент ќе влезат шест партии, а за претседателските избори се очекува втор круг.