Амбасадата на Република Бугарија денеска преку соопштение до медиумите ги информира сите бугарски државјани во земјата дека на 14 ноември 2021 г (недела) ќе се одржат избори за претседател и потпретседател на Бугарија и вонредни парламентарни избори.

Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Генералниот конзулат во Битола ги покануваат сите бугарски државјани кои имаат валидни бугарски документи да го остварат своето гласачко право на избирачките места во земјава:
Во Скопје во зградата на Амбасадата на улица „Златко Шнајдер“ број 3, во Штип на адреса улица „Партизанска“ 52/А-44, во Битола на адреса  булевар „Први мај“ број 53, во Кавадарци во хотел „Уни Палас“ на улица „Никола Минчев“ ББ, во Охрид во ресторан „Белведере“ сала 2 на кеј „Македонија“ број 2, во Прилеп во Центарот за современа уметност – Дом на култура „Марко Цепенков“ на булевар „Гоце Делчев“ број 18 и во Струмица на адреса улица „22 Декември“ број 8.

Од Бугарската амбасада посочуваат дека изборите ќе се одржат со одобрение и помош на официјалните надлежни институции на Северна Македонија в недела на 14 ноември во периодот од 7 до 20 часот. Доколку има втор круг на претседателските избори, тие ќе се одржат на 21 ноември 2021 година, при што местата и времето за гласање во земјава остануваат непроменети.

– Може да гласате со лични документи – лична карта или пасош, како и со документи чија важност истекла по 13 март 2020 година, без да бидат обновени. Гласањето е уставно право на секој бугарски граѓанин, се наведува во соопштението на Амбасадата на Република Бугарија во земјава.