Фатмир Дехари и официјално го доби мандатот за градоначалник на општината за следните 4 години. Тој вети дека за една година ќе инвестира 20 милиони евра капитални инвестиции.

„Во оваа прилика, ви ја пренесувам убавата вест дека од денеска до 2022, со нов буџет почнуваат да се реализираат во нашата општина околу 20 милиони евра капитални инвестиции“, истакна Фатмир Дехари.

Мандатот за советници на општина Кичево денеска го добија советниците на сите партии кои се тркаа и победија на овие избори. Во општината за мандат се пријавија само 8 советници на ДУИ, 3 на СДСМ, и еден советник од Движењето Одлучно за промени.

Се уште не се знае во овој состав од 23 советници кој ќе го има мнозинството. Советниците кои се пријавија в о општина за добивање на мандатот, велат дека ги доближиле ставовите во преговорите.

„Нормално овие денови и при крај се преговорите за формирање мнозинство во Општина Кичево“, посочи Газменд Јусуфи.

7 советници на ВМРО, 1 од АА и 3 независни советници не прифатија да го примат мандатот внатре во општината, туку во просториите на Општинската изборна комисија.

„Мислам дека е рано да се зборува за можни комбинаторики. Јас во општинскиот совет ќе го застапувам гласот на граѓаните“, вели Абдула Сејдини.

Од тоа што го видовме денеска, како советниците одвоено ги примија уверенијата за мандат, најверојатно советниците на ДУИ, СДСМ и 1 советник на Движење Одлучно за промени кој е и клучот за мнозинството во овој состав од 12 советници. Но доколку советникот на Движење Одлучно за промени заедно со независните советници, советникот на АА го сочинуваат мнозинството заедно со ВМРО-ДПМНЕ , тогаш советот ќе биде во рацете на опозициските партии.