Новоизбраниот градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски, пред да седне на градоначалничката фотелја, во петок најпрвин ќе треба да седне на обвинителна клупа во Кривичниот суд, пишува Фокус.

На Јакимовски му се суди за кривично дело од времето кога беше градоначалник, односно за незаконска легализација на објекти, меѓу кои и за просторот кај поранешниот ресторан „Имес“, и градењето на административната зграда на Општина Карпош.

Обвинението за овој случај беше поднесено во 2019 година, а оттогаш се одржале неколку судски рочишта. Но, од пред неколку месеци предметот е вратен од почеток, бидејќи судијата Горан Бошевски беше разрешен, а предметот го наследи судијата Осман Шабани.

Освен Јакимовски, во овој случај обвинети се уште 10 лица, од кои петмина признаа вина и се спогодија со обвинителството.

Во него се наведува и дека обвинетите иако знаеле дека постапката за легализација на времените објекти е спротивна на законот, овозможиле на две фирми преку спогодба да се стекнат со градежното земјиште за 438 денари за квадратен метар, иако според ценовникот за утврдување на пазарната вредност цената изнесувала 18.000 денари. На тој начин, според обвинителството, државниот буџет бил оштетен за 31.410.000 денари (околу 500.000 евра).