Претседателот на партијата Граѓанско Демократска Унија Петар Колев, во подолг напис објавен на неговиот личен профил и официјална facebook страна, објави кратка ретроспектива на средбите што се одржаа во Софија и кои предизвикаа лавина од реакции во македонските медиуми.

Во продолжение ви го пренесуваме целиот напис на Петар Колев објавен на социјалната мрежа Facebook.

„Почитувани пријатели, дозволете ми да ги споделам моите впечатоци од дводневната работна посета на Софија, како дел од делегацијата составена од повеќе невладини организации на македонските Бугари, во која учествував како претседател на Граѓанско Демократската Унија со дел од нејзиното раководство.
Целосно сум свесен дека оваа посета ќе виде максимално злоупотребена кај дел од печатот, особено во контекст на локалните избори и нескриените амбиции за политичка афирмација на поединци и групи во Македонија. Но, ниту јас, ниту останатите членови на делегацијата, одамна немаме време за таквите. Затоа, ќе се обидам да ги споделам главните поенти од средбите со највисоките државни и политички лидери во Република Бугарија.
На средбата со претседателот Румен Радев и потпретседателката Илиана Јотова,од страна на Радев недвосмислено беа повторени политичките принципи на Република Бугарија во поглед на отпочнувањето на преговори со ЕУ од страна на РС Македонија.
Прво. Интеграцијата на РС Македонија во ЕУ претставува национален и стратешки интерес на Република Бугарија. Стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан се од исклучителна важност не само за Бугарија, туку и на ЕУ како целина. Истовремено, Бугарија и понатаму ќе ги афирмира позициите на македонските Бугари, нивната интеграција во политичкиот, економскиот и културниот живот во РС Македонија, на истиот начин како што неодамна и им ги претстави на канцеларката Меркел и претседателот Макрон во рамките на ЕУ. Понатамошната дебугаризација како своевиден феномен, е изложена и пред Советот на Европа.
Претседателот Радев истакна дека тие ставови се составен дел од официјалната политика на Република Бугарија, без оглед на политичките промени кои се нормални во демократскиот свет.
Сакам посебно да го истакнам фактот, дека средба во овој формат и на вакво високо ниво, досега не се случила.
Освен формулирањето на генералниот политички правец, нашата делегација имаше можност да истакне и конкретни предлози за надминување или олеснување на одредени процедури кои го засегаат секојдневието на одредени социјални групи. Така, во рамките на средбата со министерот за образование Николај Денков, добивме уверување дека квотата за упис на македонски студенти ќе биде зголемена, а самата постапка максимално поедноставена. Министерот истакна и дека одредени такси ќе бидат целосно укинати и дека веќе се работи на законски решенија за целосен и отворен пристап до научно истражувачки проекти за професионалци и експерти од РС Македонија. Заеднички беше констатирано, дека одредени пропусти и слабости кои се детектирани во последниов период, се должат на неможноста за законска интервенција преку парламентот на Република Бугарија. Министерот за култура Велислав Минеков пак, со посебно задоволство (неговото потекло е од Дебар) истакна дека неговото министерство и сега и во иднина, е отворено за соработка со институции и поединци од РС Македонија, и за таа цел, тој нема сомнеж дека предлог буџетот на министерството за овие активности ќе биде усвоен од следниот парламентарен состав, независно од неговата идеолошка разноликост.
На средбата во министерството за правда со министерот Јанаки Стоилов, ги разгледавме сите прашања кои се однесуваат на барањата и постапката за стекнување државјанство на Бугарија од страна на македонските граѓани. И овде наидовме на целосно разбирање за нашите забелешки и уверување дека законските решенија се веќе подготвени од страна на министерството и ќе бидат доставени во парламентот во најкус можен период.
Сакам да им се заблагодарам на претставниците на политичките партии од Бугарија, кои иако се наоѓаат во кампања, одвоија дел од своето време за нас. Тоа е навистина охрабрувачки за нас. Поранешната народна правобранителка, родената во Ќустендил Маја Манолова беше нашата прва соговорничка, овој пат како политичарка и идна пратеничка од редовите на Исправи се БГ. Ние идеме! Нејзината непосредност во комуникацијата со нас, не увери во сериозноста на нејзиниот предлог дека -нашата следна средба ќе биде во Народното Собрание, во рамките на работата на Комисијата за надворешни работи, во која конкретно ќе ги утврдиме чекорите и средствата кои ви се потребни за афирмација на вашите барања. – Можам само да кажам, ти благодариме Маја и ти посакуваме успех.
Во овие рамки, сакам да ја истакнам и средбата со Јордан Цонев и Илхан Ќјучјук од ДПС кој воедно е и известувач за напредокот на РС Македонија во рамките на европскиот парламент, но и претседател на семејството на европските либерали АЛДЕ. Треба ли да додадам, наидовме на целосно разбирање понуда за конкретна соработка и поддршка.
Утринското кафе го имавме со ГЕРБ. Претседателот Бојко Борисов, Екатерина Захариева и Даниел Митов. На познатата непосредност и отвореност на Борисов, се надоврзуваше експертизата на двајцата поранешни министри за надворешни работи. Кога би можела јавноста во РС Македонија да го слушне она што ние го слушнавме. Какви „патриоти„ и „демократи„ владеат со нас!?
Може ли да има работна посета на Софија, а да не се влезе во „Македонскиот дом„ на Пиротска 5. Во седиштето на ВМРО, со претседателот Каракачанов, неговите најблиски соработници и кандидатите за претседател и потпретседател на Бугарија, д-р Милен Михов и Марија Цветкова.
Христо Иванов и Атанас Атанасов моторот на „Демократска Бугарија„ беа исто така наши соговорници. И тие покажаа целосно разбирање и подготвеност за конкретна поддршка и соработка – Нашата следна средба веројатно ќе биде веќе во декември во Народното Собрание!
Им посакуваме успех!
Политичката сцена во Бугарија денеска е невозможна без Слави Трифонов и ИТН. На кафе со секретарот за меѓународна соработка Димитар Грдев и потпретседател Тошко Јорданов. Зошто вашите политичари не и ја кажуваат вистината на македонската јавност. Зошто се кријат зад лагите? Навистина, и јас се прашувам исто. Особено ја цениме поддршката од ИТН која е искажана директно, неформално и сигурно. ИТН е проевропско движење и сериозно посветено на основните принципи на демократијата, неспровредивоста на граѓанските права и слободи. Можно е месец декември да биде многу исполнет!?
БСП и Корнелија Нинова со најблиските соработници. Внимателно водеа белешки, прашуваа, од време на време со по некој прашален поглед кон нас од типот – Можно ли е ова во 2021? – Да, за жал. Покрај поддршката за нашите ставови, ни беше соопштена и информација околу можноста македонските здравствени осигуреници бесплатно да бидат третирани и лекувани во Бугарија. Нашите власти се решиле за друго решение. Тоа не е бесплатно!?
Почитувани пријатели. Сакам да истакнам дека нашата посета беше со особено внимание следена од претставниците на бугарскиот печат. Можеби поради тоа што и таму има избори, можеби поради нашите соговорници, а можеби помалку и поради нас самите. Не забележав некаков „сензационализам„ иако во БТА имавме и прес конференција.
За крај, оваа мала ретроспектива, нема да биде целосна без да му се заблагодарам од мое име и од име на сите од нашата делегација на министерот за надворешни работи Светлан Стоев и неговите соработници за поддршката, разбирањето и се разбира, за прекрасната вечера на која имавме чест да ни биде домаќин!“, стои во написот на Петар Колев.

Извор: Трибуна