Претседателот на ДУИ синоќа во „Клик Плус“ му одговори на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој пред неколку дена рече дека Ахмети има здравствени проблеми.

„Не му прилега на еден политичар, а уште помалку на еден лекар да се занимава со вакви работи. Јас не го слушнав тоа, но ми се јавија… Речиси четвртина од раководството се лекари специјалисти од разни области, тие се загрижија. Му порачувам на г.Таравари да не се грижи“, истакна Али Ахмети.

Актуелниот градоначалник и кандидат за уште еден мандат во Гостивар, Арбен Таравари, пред неколку дена рече дека претседателот на интегративците не е добар со здравјето.

„Јас мислам дека Али Ахмети има вистински здравствени проблеми и му посакувам што поскоро да има успешна пензија бидејќи за месец два ќе отиде таму каде што треба“, посочи Арбен Таравари.

Комуникологот Бојан Кордалов вчера за ТВ21 рече дека црната кампања придонесува за незадоволство кај гласачите и неизлегување на изборите. Тој исто така се осврна и на тоа зошто партиите се одлучуваат за ваква реторика, наместо да се обратат до граѓаните со програма за тоа како ќе го подобрат живеењето.