Сведокот Александар Ивановски, познат како сопственик на фирмата „Теранова“, на денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ откри како се купувале станови и плац на Водно за Никола Груевски преку неговата секретарка.

Тој рече дека имал преземено некои активности околу формирање на фирмата „Сирах инжинеринг“ во Македонија по барање на, како што рече, неговиот пријател Сашо Мијалков.

Ивановски рече дека управител на офшор компанијата „Сирах лимитед“ бил Ристо Новачевски, а кога обвинителката Лиле Стефанова го праша да објасни како дознал кој е управител, сведокот рече дека тоа му го кажал неговиот пријател Мијалков кога требало да купи плац од 11.000 метри квадратни на Водно, по цена од 1,5 милион евра.

Обвинителката го праша дали го познава лицето Лазар Бошњаковски и откако сведокот потврди, објасни дека со него разговарал за плацот на Водно, за кој рече дека имал добра цена од 1,5 милион евра со оглед на тоа што бил на атрактивна локација. Сведокот рече дека по извесно време, Мијалков го прашал дали сѐ уште се продава плацот на Водно затоа што негов пријател сакал да го купи.

Според Ивановски, плацот имал повеќе сопственици, а извесен Горан од Будва, кој исто така бил сопственик, ги застапувал и останатите. Плацот бил стекнат по пат на денационализација, а се наоѓал во близина на шестата управа на МВР, спрема сртот на Водно.

Извор Плусинфо