МНР преку соопштение се огласи откако во неколку портали се појави информација дека камион управуван од возач со македонски пасош бил запрен на влез во Италија од Словенија и при проверката било утврдено дека се шверцуваат цигари и алкохолни пијалаци. Како што објави порталот МКД.МК, повикувајќи се на свои извори, возачот покажал документи кои потврдувале дека се превезува дипломатска пошта, но бидејќи нешто не се совпаѓало во документацијата бил активиран граничен скенер, а потоа бил извршен и претрес.

-Изминативе неколку дена во јавноста се појавија информации од повеќе места за наводна злоупотреба на дипломатска пратка. Дозволете да информираме дека во рамките на Министерството за надворешни работи дадена е насока на нашите служби да ја прегледаат целата документација, да се проверат сите информации од страна на дипломатско конзуларните претставништва, со цел проверка на ваквите наводи. Според првичните информации добиени во изминативе два дена, не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба.

Дополнително, дадена е насока и во рамките на нашите дипломатско конзуларните претставништва за проверка на сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи. Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите.

Иако нема потврда за постоење на ваков случај, министерството има политика на нулта толеранција за злоупотреба или евентуално фалсификување на дипломатски документи или документи на институцијата, и оттука,  Министерството за надворешни работи во следниот период ќе продолжи со темелни проверки на појавените наводи и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста, велат од МНР.