За еден ден повеќе од илјада граѓани во Македонија примиле трета доза вакцина против ковид-19, покажуваат статистиките кои ги објавува Министерството за здравство.

Интересот се зголеми откако Националниот комитет за имунизација препорача граѓаните кои се вакцинирани со кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“, да примат трета доза од Фајзер три месеци по вакцинирањето. Само во текот на вчерашниот ден, 1.068 граѓани примиле „бустер“ доза.

Досега 2.365 граѓани примиле трета доза за заштита од Ковид-19.

Од минатиот месец во Македонија граѓаните почнаа да се вакцинираат со трета доза и првично мерката се однесуваше само за лица над 60 години, здравствени работници и оние со послаб имунитет. Oд пред неколку дена, трета доза може да прими секој, без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да примаат после поминати 6 месеци од ревакцинација.

Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјата е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина. 54% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57%, а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.