Сѐ поголем број земји во Европа пријавуваат зголемување на бројот на заразени, а во некои случаи и голем број хоспитализирани. Делта-сојот сѐ уште е најголемата опасност, пред сѐ поради високата стапка на инфекција. Стравувајќи дека нѐ очекува нов бран наесен, сѐ поголем број земји ги заоструваат мерките и условите за преминување на границите.

Advertisements

Кој ги заостри правилата?

Грција

На 13 септември Грција воведе нови мерки против коронавирусот, кои ќе траат до 31 март следната година, и вклучува задолжително неделно тестирање на лицата кои не се вакцинирани, додека услов за пристап до одредени затворени простории се вакцинација или негативен тест за коронавирус.

Според новите прописи, сите работници во приватниот и јавниот сектор, кои немаат потврда за вакцинација или сертификат за закрепнување од ковид, ќе треба да се тестираат еднаш неделно.

Два теста неделно ќе бидат потребни за луѓе што работат во образованието, туризмот, рестораните и кафулињата, како и студентите.

Тестирањето ќе се врши во приватни институции и трошоците за тестирање ќе бидат 10 евра, освен за учениците од училиштата кои ќе имаат право на бесплатни тестови.

Невакцинираните ќе можат да одат во киносали, театри, музеи и спортски сали, со потврда за негативен брз тест во последните 48 часа, а институциите ќе имаат право да прифатат само вакцинирани клиенти доколку сакаат.

Маските ќе бидат задолжителни за секого во затворени простории, јавни простории и надвор каде што има повеќе лица.

Потребни се тестови и за деца, така што секој на возраст од пет до 11 години мора да покаже доказ за негативен тест за коронавирус, со цел да им се дозволи да влегуваат во затворени простории за забава.

Словенија

Од среда вработените во јавните институции и компании, како и нивните клиенти, мора да имаат потврда за вакцинација, прележан ковид или негативен тест. Исто така, потребен е сертификат за влез во трговски центри и јавен превоз, освен за ученици од основно и средно училиште. Потребни се и сертификати во здравствени установи, освен во итни случаи.

Швајцарија

Построгите мерки во оваа земја предвидуваат задолжителен сертификат за влез во јавни институции, ресторани, фитнес-центри и други затворени простории.

Исто така, стапија во сила и строги казни за непочитување на мерките.

Швајцарската влада донесе одлука, со цел да се спречи преоптоварување со здравствениот систем, обврската за поседување сертификат да се прошири и на дополнителен број институции.

Така, се воведува обврска за потврда за вакцинација, прележан ковид или негативен тест, за сите лица над 16 години, во временски период до 24 јануари следната година.

Сертификатот ќе биде задолжителен за сите настани што се одржуваат во затворени простории и вклучува концерти, театри, кина, спортски натпревари, но и свадби.

Исто така, сертификати се потребни и во ресторани, кафулиња, барови, базени, казина, зоолошки градини.