Многу Израелци ќе останат без потврда за вакцинација против коронавирус, т.н зелена пропусница, пишува „Дојче Веле“. Без неа влезот во сите угостителски објекти, спортски настани, културни манифестации и универзитети е забранет.
Advertisements
Првично, овој сертификат се добиваше по примање на втората доза од вакцината, но од 3 октомври тоа повеќе не важи. Сертификатот може да се добие само ако лицето има примено трета доза вакцина или ако втората доза е примена во последните шест месеци. Во спротивно, потребно е тестирање. Ова правило не важи само за деца на возраст под три години.
Одлуката многумина ја оценуваат како контроверзна.
Се проценува дека од недела, 1.5 милиони Израелци, од вкупното население од 9,4 милиони, би можеле да останат без зелена карта – меѓу нив и многу наставници и професори. И без таа потврда, пристапот до училиштата не е дозволен, пренесува „Ерусалим Пост“.
-Така, ниедна друга гранка не се третира, реагираше директорот на синдикатот на наставници и бара преоден рок за да можат да се вакцинираат воспитувачите.
Звика Гранот, имунолог на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, смета дека не е фер да им се одземе зелената карта на оние кои се вакцинирани двапати.
„Шокантно е колку брзо луѓето се откажуваат од она што го сметаме за основни граѓански права“, вели тој.
„Имунолошкиот систем на младиот човек е значително подобар од имунолошкиот систем на постариот човек и затоа истата стратегија за вакцинација не може да се примени за секого“, вели Гранот изразувајќи уверување дека новите правила за добивање зелена карта ќе ја намалат подготвеноста на населението да се вакцинира.
Но, Надав Давидович, директор на Институтот за јавно здравје на Универзитетот Бен-Гурион и советник на израелската влада, посочува дека зелениот сертификат не е за принудување на луѓето да се вакцинираат туку да се одржи јавниот живот што е можно поотворен.
„Третата доза на вакцината покажува дејство“, вели Давидович.
Тој ги посочува податоците што покажуваат дека луѓето со трета доза имаат педесет пати поголема заштита од тежот тек на болеста отколку оние кои не биле вакцинирани и десет пати поголема заштита од оние кои ја примиле втората доза пред повеќе од шест месеци.
„Податоците од израелското Министерство за здравство покажуваат дека третата доза исто така го намалува ризикот од тежок тек на болеста кај младите луѓе“, додава Давидович.
Со седумдневна инциденца од над 700, Израел беше на прво место по новозаразени во светот во последниве месеци. Во меѓувреме, ширењето на варијантата делта на вирусот забави и има помалку сериозно болни луѓе. Најголем број пациенти со КОВИД 19 во болница се оние кои не се вакцинирани.
Со новото правило за зелената карта, премиерот Нафтали Бенет ги охрабрува граѓаните да се вакцинираат, бидејќи сака по секоја цена да избегне ново заклучување, иако многумина го критикуваат за начинот на кој го прави тоа, анализира „Дојче Веле“.