Во обраќањето на митинзите во Гостивар и Тетово, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека доаѓа време на заеднички патриотизам кој создава нова иднина, инвестиции и работни места за сите

Глас за кандидатите за градоначалници во Гостивар и во Тетово предложени од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива и за советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ, побара вечерва лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, од жителите во овие два града во рамки на кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври.

Такви пораки тој испрати и преку социјалните мрежи по завршувањето на митинзите.

„Во Гостивар гласајте и поддржете ја советничката листа предводена од Гоце Димовски, млад и перспективен човек. Личност кој ќе се бори за секој еден гостиварчанец. За градоначалник, гласајте за Арбен Таравари-хуман човек, еснаф кој се труди со целото срце и сила за Гостивар.

Во Тетово, поддржете ја советничката листа предводена од Ангел Карапетров. Тетовчанец, еснаф човек со енергија и визија. Човек кој ќе се бори за Тетово, а на Тетово му треба многу работа, за жал е еден од градовите каде не се работи буквално ништо. Теута ги преспа сите години како градоначалник, еден од најслабите градоначалници било кога досега. Каква иронија, Тетово под Шара, градот вода нема. Тетово град со најзагаден воздух заедно со Скопје. И затоа треба промени, коренити промени. Затоа поддржете го за градоначалник Вулнет Мурсели, човек кој ќе работи за Тетово, за промени и за иднина“, повика Мицкоски на социјалните мрежи.

Во обраќањето на митинзите тој порача дека доаѓа време на заеднички патриотизам кој создава нова иднина, инвестиции и работни места за сите.

„Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, да ги победиме криминалот, корупцијата и неправдите. Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, а ние да донесеме развој кој ќе донесе нови работни места, добро платени места, децата дома да си ги задржиме и да не ги полниме фабриките во западна Европа, Америка, Канада и Австралија“, рече Мицкоски во Гостивар.

Тој ја напаѓаше и актуелната власт, па така пред тетовци ја обвини и за неодамнешната трагедија во модуларната болница кога животот го загубија 14 лица.

„Овде во Тетово 14 луѓе живи гореа и предвреме го загубија својот живот, бараа спас во модуларната болница, бараа спас да бидат лекувани од ковид пандемијата, а тие живи изгореа. И наместо денеска да ги гледаме надлежните со лисици на рацете, ние ги гледаме како кловнови во циркус како ги забавуваат малкумината кои дошле да им ракоплескаат. Кога бев во Тетово ветив и стојам зад тоа, вистината за тој случај мора до крај да биде истражена и виновниците, сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, а јас им ветувам фер и транспарентна судска постапка, мора да се знае кој е виновен и да одговара, не само политички морално туку и кривично“,рече Мицкоски во Тетово.

Опозициската партија вечерва имаше предизборни активности на кои ги претстави своите кандидати и во други општини во тој регион.