Сите средби со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји беа позитивни. Имаше три теми на разговор – економскиот инвестициски план, Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и секако прашањето со Бугарија, изјави премиерот Зоран Заев.
Нема, посочи Заев, никаква двосмисленост или нејаснотија во желбата на сите 27 земји членки за идната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и тоа ни беше појаснето и од претседателката на Европската комисја, Урсула фон дер Лајен и од еврокомесарот Оливер Вархеји.
– Првата тема беше економскиот инвестициски план. Имаме позитивни пораки за Северна Македонија за пакетот 2021 година, поголем од 500-600 милиони евра и сме прворангирани и добивме најголема поддршка од грантовите преку овој план кој стартува оваа година. Секако тоа мора да помине на верификација од земјите членки во Европскиот парламент и до крајот на годината да биде официјализиран. Оставаме ЕУ да ги објави и проектите и парите и се што е поврзано со тоа, појасни Заев.