Според последните достапни податоци, заклучно со вторникот до 20 часот во земјава попишани се 1 760 194 лица, 546 080 домаќинства и 789 406 станови

Денеска завршува пописот на населението, домаќинствата и становите и според последните изјави од Државниот завод за статистика (ДЗС), нема да се бара негово продолжување.

Директорот на ДЗС Апостол Симовски, вчера изрази уверување дека пописот ќе заврши во законскиот рок и потврди дека досега немаат побарано продолжување.

„Нас ни е битно да бидат опфатени сите објекти за домување. Ние имаме своја технологија по која го следиме процесот и ќе знаеме дали и кога точно ќе го завршиме процесот. Согласно сегашните процеси, очекуваме и уверени сме дека ќе завршиме во законскиот рок“,  изјави Симовски за МИА.

Според последните достапни податоци, заклучно со вторникот (28 септември) до 20 часот во земјава попишани се 1 760 194 лица, 546 080 домаќинства и 789 406 станови. Од дијаспората, пак, можноста за самопопишување ја искористиле 201 247 граѓани.

Пописот започна на 5 септември, а последната недела од пописните активности надлежните дадоа и можност граѓаните кои не се попишани во нивните домови зашто не биле дома кога таму бил попишувач или од други причини, да се попишат во општинските или канцелариите на ДЗС.