Премиерот Зоран Заев порача од Струмица дека нема дилема во победата на Костадин Костадинов, кој е кандидат за градоначалник на Струмица.

„Костадин, веќе ни е близок и до нас, го запознавме и како в.д. градоначалник и како портпарол на СДСМ, постојано е на терен, лесно достапен, приземјен, комуникативен, постапува, служи на граѓаните, човек од доверба, чесен, искрен, млад – а веќе домаќин. Тој покажа дека е човек од акција, работлив, вреден, подготвен – запознаен со проблемите, со јасен план и решенија за Најдоброто за струмичани и Струмица”, истакна Заев.

Тој додаде дека Костадинов не ги дели луѓето по ниту еден основ – во нашата општина има граѓани од различни етнички и верски припадности и секој може да биде спокоен дека ќе биде еднакво почитуван, слушнат и разбран, без предрасуди и со посветеност, за потребите или идеите што ги има.

Заев му се заблагодари на актуелниот градоначалник Коста Јаневски, кој со успех ја водеше општината, но истакна дека СДСМ предводи во промените – дава шанса на младите, на новата енергија, на желбата и тие на свој, авангарден начин да се вградат во сегашноста и иднината на Република Северна Македонија.

„Повеќе од сигурно е – на 17 октомври ќе се случи ,,по СДСМ – СДСМ – по Коста – Костадин”, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев на Караванот „Најдоброто за мојата општина” во Струмица.