Хируршкиот персонал во Државната болница „8 Септември“ овој понеделник започна со работа како и обично. И покрај најавите за штрајк, денеска работеа и амбулантските услуги и се вршеа хируршки интервенции, но само за итни случаи. Всушност, ова беше барање на хирурзите од оваа болница кои во петокот со отворено писмо побараа да се врати медицинскиот персонал и да се отворат сите 6 операциони сали. Овој бунт привремено го смири министерот за здравство Филипче во петокот, кој ги повика директорите на болницата на состанок.
Шефот на одделот за хирургија, д-р Јасмин Циривири, рече дека Министерството за здравство ветило оти од следниот понеделник ќе им донесе анестезиолог, така што од шесте операциони сали, барем засега да функционираат четири.
Од управата на болницата „8 Септември“ не сакаа да зборуваат за јавноста, а тоа не им го дозволија ниту на лекарите. Некои дури и ја попречуваа работата на телевизиите да снимаат дури и надвор од објектот. За тоа дека има големи поплаки за организација на работа, некои од лекарите зборуваат зад камерите. Велат дека поради намалениот персонал кој е распределен во инфективните одделенија и ковид центрите во главниот град, ним им се отежнува работата. Во моментов работат само две операциони сали за итни хируршки интервенции. Во меѓувреме, пациентите кои ги сретнавме отворено велат дека поради пандемијата се занемаруваат сите прегледи за други болести.
Од Министерството за здравство велат дека во инфективното одделение на „8 Септември“ се лекуваат 100 пациенти со ковид, па за да им се помогне ним, редуциран е медицинскиот персонал од хируршкото одделение. Од министерството додаваат дека поради сè уште големиот број невакцинирани граѓани се оптоварува здравствениот систем и поради тоа страдаат пациентите со други болести.