Партиите подготвени за утрешниот старт на кампањата за локалните избори. Кој каде ја почнува изборната кампања за локалните избори која официјално започнува утре? Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие и овој пат своите изборни активности ги почнуваат традиционално од Охрид.

-Апсолутно ВМРО-ДПМНЕ ќе е активно на терен постојано за време на целиот овој кампањски период во овие избори 2021 година на локални избори. Традиционално кампањата започнува во Охрид утре со тоа што апсолутно ќе бидат посетени сите места, предвидени се голем број на средби со граѓани, истакна Наум Стоилковски.

Од СДСМ велат дека за сите активности во оваа кампања дополнително ќе известуваат.

-Стартуваме од Битола утревечер. За караванот со точни локации дополнително ќе испратиме соопштение“, велат од СДСМ.

За тоа како ќе се претставуваат кандидатите на ДУИ пред граѓаните зборуваше Крешник Бектеши. Од каде што ќе ја почнат таму и ќе ја завршат кампањата.

-Кампањата за локалните избори 2021 година ја почнуваме во понеделник, односно утре од Гостивар. Демократската унија за интеграција на локалните избори ќе настапи со 19 кандидати за градоначалници и 35 листи за советници. ДУИ кампањата ја завршува исто така во Гостивар“, истакна Крешник Бектеши.

Беса утре стартува од Скопје, а својата кампања ќе ја заврши во Тетово.

-Кампањата ја започнуваме утре на отворено покрај салата Борис Трајковски во 19 часот, а ја завршуваме во Тетово на 15 октомври на плоштадот Илирија во Тетово. Претседателот на партијата е кандидат за градоначалник на Тетово, потпретседателот Фадиљ Зендели е кандидат за градоначалник во Гостивар и другиот потпретседател Кастриот Реџепи е кандидат за општина Чаир“, посочи Арјанит Хоџа.

А, во Чаир со својата кампања стартува Алијанса Алтернатива.

-Почнуваме утре во Чаир во 19 часот и завршуваме во Тетово последниот ден од кампањата“, велат од АА-ААА.

Изборната кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври ќе трае 20 дена. Вториот круг на изборите, пак ќе се одржи на 31 октомври. Државната изборна комисија за овие избори утврди 303 кандидатури за градоначалници и 567 листи за советници. На овие избори за прв пат ќе биде применето гласање со отпечаток од прст, за што веќе се набавени терминалите.

Извор ТВ21