Без никакви факти и аргументи претседателот на Левица, Димитар Апасиев лицитира со бројката на лица кои одбиле да учествуваат на пописот е заклучокот во најновата емисија „Кратки нозе“, во која се разоткриваат дезинформациите и лажните вести, а последната епизода беше посветена на дезинформациите за пожарот во Тетово, за пописот и за изборите.

Апасиев, на својот фејсбук профил, напиша дека над 200 илјади граѓани одбиле да се попишат, а казни не се изрекувале за оваа бројка да не биде дознаена, што само по себе, според тимот на „Кратки нозе“, не содржи никакви аргументи и единствено служи во насока на кампањата на партијата за бојкотирање на пописот. Од друга страна пак, се наметнува прашањето дали бојкотирачите на пописот од Левица ги бојкотираат попишувачите сопартијци, бидејќи очигледно дел од нив се нашле на листите за кандидати за советници.

Дополнително, во „Кратки нозе“ фокусот беше ставен и на непотврдените информации за бројот на жртви од пожарот во модуларната болница во Тетово, кога дел од медиумите објавија вест за над 30 загинати без воопшто да ја потврдат информацијата. Воедно, дел од уловените лажни вести беше и онаа на Инфомакс, во која се тврди дека Демократскиот сојуз на Власите од Струга ја напуштил коалицијата со СДСМ, што пак беше демантирано од страна на претседателот на партијата, Николче Бабовски.