Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во ТВ дуелот со Зоран Заев во Канал 5 телевизија, во врска со трагедијата во Тетово и побараната оставка од министерот за здравство Венко Филипче, истакна дека оставката е нужна е за да се спасат човечки животи.

Тој додава дека тоа што се случи во Тетово е директна последица на слабостите на системот.

„За да спасиме човечки животи, затоа што ситуацијaта е загрижувачка, 14 човечки животи, 12 пациенти и двајца блиски до пациентите ги загубија своите животи поради неспособноста на надлежните и слабостите на системот кои се резултат на лошото менаџирање на тој систем од страна на надлежните“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додава дека тука е најповикан Зоран Заев кој треба веднаш да ги прифати сите оставки.