Нема никаква причина цента на лебот да се покачи. Државата го има откупено вишокот на пченица и доколку е потребно, ќе се пушти во промет за да се регулираат цените, вели премиерот Зоран Заев. Според него, во моментов не се размислува за интервенција од страна на државата по најавите дека цените на лебот ќе растат, бидејќи досега се интервенирало со намаленото ДДВ на цената на струјата.
„Растот на цените кои што се случуваат во државата не е поголем туку е помал од генералниот раст на цените на светско ниво. Кај нас уште инфлацијата е 1.8 проценти, коригирана е во буџетот и не очекуваме да надмине 2,2 проценти и тоа е во рамките на нормалата. Нема никаква причина за покачување на цената на лебот, затоа што условите се исти, државата секогаш интервенира и на сметка на државата прави откуп на вишок на пченица за стоковните резерви и исто ги пушта во промет со цел да биде балансер на цените на прехрамбените производи“, рече премиерот Заев.
Цената на пченицата на светските берзи во последните недели постојано расте. Од почетокот на годинава досега, цената за еден тон пченица е зголемена за 15,3 проценти. Во моментов еден тон пченица на светските берзи е 245 евра, а пред само три недели достигна рекордни 280 евра за тон. Според светската агенција за храна како причини за раст на цената на пченицата се помалите произведени количества поради сушата, но и влијанието од ковид 19 .
Андреа Чобанова