Први октомври е денот од кога недела би требало да биде ден за неделен одмор, односно неработен ден .
Сепак, дали предложените измени на Законот за работи односи ќе почнат да важат и од кога , одлучуваат пратениците.
Денес, предлог законот е на дневен ред на комисиската амандманска расправа во второ читање.
Како што е познато, за да стартува недела како неработен ден од почетокот на наредниот месец, ќе мора претходно пратениците да ги изгласаат измените на Законот за работни односи, како и измените на Законот за трговија, со кои ќе се уреди кои дејности ќе бидат исклучоци од прогласувањето на недела за слободен ден за работниците, колкава ќе биде дневницата и правата на оние што ќе работат во недела, но и како тоа прашање ќе се уреди за работењето на моловите.
Со законските измени и на ЗРО, и на Законот за трговија, се предвидува повисока дневница за 100 отсто во моловите, но и за 50 отсто во дејностите каде не смее да се прекинува работата, плус еден слободен ден во текот на работната седмица. Оние што ќе работат во недела, ќе добиваат повеќе пари. Газдите, пак, што оваа нема да го почитуваат, ќе добијат клуч на врата на фирмите и плус парични санкции. Дали се тоа ќе се спроведува како што е замислено од први октомври, ќе контролираат трудовите инспектори.
Во законот е јасно наведено дека како ден за неделен одмор на работниците ќе се смета недела. По исклучок, се вели во законските имени, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко – технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата.
Тоа се однесува за голем број дејности, кои се таксативно наброени во зконските измени. Такви се одгледување на животни, мешовито фармерство, вадење на јаглен и лигнит, вадење на руди на метал, печатење и издавање на весници, производство на леб, слатки во свежасостојба и бисквити, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас, производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината, копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт, складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување на програма, телекомуникации, како и информативни услужни дејности, каде влегуваат хостирање, обработка на податоци, интернет портали и слично.Исто така, во недела ќе се работи и во дејностите прикажување на филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп односно лизинг на моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, но и дејности на повикувачки центри.