Министерот за правда Бојан Маричиќ на вечерашното интервју на телевизија „Сител“ оцени дека пописот се спроведува успешно, без речиси никакви проблеми и досега се попишани околу 900.000 граѓани или околу 100.000 дневно.
„Во текот на викендот ќе достигнеме до милион попишани граѓани од теренското попишување. Дополнително, има сериозна бројка и од онлајн попишувањето. Пописот одлично тече на терен и надминати се сите техничи недостатоци кои ги имаше на почетокот. Во соработка со МВР и „Телеком“ одбиени се успешно сите хакерски напади, кои доаѓаат со ИП адреси од странство“, изјави министерот.
Министерот за правда рече дека ова не се избори, па некој да ги признае или не резултатите од пописот, во случај тоа да го стори опозицијата. Тој нагласи дека реална основа за оспорување на податоците од пописот нема.
„Податоците на граѓаните се вкрстуваат со шест седум регистри кои ги имаме по разни основи. Така што, тие податоци се проверуваат дали се кредибилни и точни и минимални се шансите за манипулации оти податоците може лесно да се проверат“, нагласи Маричиќ, додавајќи дека попишувањето на граѓаните трае околу пет минути.