До синоќа повеќе од 512 илјади лица, 158 илјади домаќинства и 212 илјади станови се попишани на Пописот 2021, беше соопштено на денешната пресконференција на директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Според него, Пописот се одвива со очекуваната динамика, без никакви застои и проблеми.
-Исклучително сме задоволни и од темпото и од работата на нашите попишувачи и се надеваме дека ваквото темпо ќе продолжи и понатаму и дека без никаков проблем ќе го завршиме Пописот во предвидениот рок. Точно е дека на самиот почеток имавме мали технички застои, кои се надминати. Еве веќе три дена по ред без никакви проблеми се спроведува попишувањето и интензитетот е исклучително задоволувачки“, рече Симовски.
Директорот информираше и дека се соочуваат со исклучително мала бројка на граѓани кои одбиваа да се попишат, но дека со овие лица, по првичното одбивање, разговараат и во најголем дел ги убедуваат да учествуваат во Пописот.