Покрај досега издадените мерки и писмени наредби за вештачења, донесена е писмена наредба до Министерството за здравство на Република Северна Македонија за предавање на целокупната документација по однос на градбата на Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово. За таа цел испратени се истражители од Основното јавно обвинителство во Тетово до надлежното министерство, заради подигнување на целокупната документација која ќе биде предмет на разгледување и анализа.

Петтемина обвинители поднесоа барање за пружање помош во кривична постапка до Основно јавно обвинителство во Велес, за од правно лице од Велес, да се одземе целокупната документација по однос на градбата на Модуларната болница во Тетово.

Дополнително доставена е наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово за доставување на податоци во насока да се утврди дали ЈЗУ Клиничка болница во Тетово има изготвено Елаборат за складирање на хемикалии и горива, како и генератори при прекин на струја, како и да се достави Планот за електрична инсталација на Модуларната болница.

Издадена е писмена наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, да се достави Планот – елаборат на системот за снабдување со кислород со доводи, цевки и приклучоци за Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.

До „ЕВН Македонија“- КЕЦ-Тетово издадена е писмена наредба за доставување на елаборат за снабдување со електрична енергија, односно Планот за целокупната електрична инсталација за Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.

Потоа, покрај претходно издадена усмена наредба до инспекторите за компјутерски криминал на СВР-Тетово, доставена е писмена наредба да бидат обезбедени снимките објавени на социјалните мрежи, со акцент за обезбедување на снимките во текот на пожарот, да се достават службени белешки или евентуално записници за обавените разговори на критичниот ден, обезбедување листа на членови на семејствата, како и на починатите лица, како и од пациентите болни од Ковид-19 кои биле евакуирани. По прибирање на потребните податоци, лицата ќе се сослушаат во Основно јавно обвинителство во Тетово и ќе биде подготвен посебен извештај во врска со првопристигнатите полициски службеници, во смисла на тоа дали презеле некои дејствија на кршење на прозори, врати или ѕидови или во внатрешните простории, дали некое полициско лице било присутно на лице-место, за начинот на кој е известено во СВР-Тетово за настанатиот пожар, како и од кого биле известени.

Доставена е наредба да се обезбеди целокупната документација по однос на градбата на Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово. Побарано е да се обезбедат податоци во врска со лицето кое било одговорно за раководење со изградбата, лицето кое имало овластување за надзор при градбата на истата, да се достави извештај дали е извршен технички прием и доколку е извршен – кој го извршил и кои лица ја изготвиле техничката спецификација за јавната набавка за Модуларните болници изградени во Република Северна Македонија.

Исто така, издадена е и Наредба за градежно вештачење до Градежен институт „Македонија“, за да се подигнат примероци од опожарениот вграден градежен материјал од самото место на настанот – под, таван, ѕидови, прозори, врати, изолација и слично од Модуларната болница, со цел да се испита и да се образложи од каков материјал се изработени, каков материјал е вграден во Модуларната болница во Тетово и да се преземат и други потребни дејствија, кои се во насока на утврдување на составот на градежните материјали.

Истовремено, обвинителството продолжува да сослушува сведоци и лица кои даваат потребни известувања, по однос на трагичниот настан.

Основното јавно обвинителство во Тетово во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема дејствија и активности со цел да се утврди дали и какви мерки на противпожарна заштита се применети во Модуларната болница во Тетово од пуштањето во употреба до денот на настанување на пожарот.

Притоа донесена е писмена наредба со цел да се прибават и сите протоколи за начинот на работа, како на Модуларната болница, така и на ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.

Обвинителството продолжува со преземање на дејствијата до целосно расчистување на причините за настанатиот пожар во модуларната болница во Тетово.​