ВМРО ДПМНЕ ги соопшти последните осум имиња на свои кандидати за градоначалници. Меѓународниот секретар на партијата и пратеник, Тимчо Муцунски ќе ја бара довербата на аеродромци и ќе му биде ривал на собранискиот колега Александар Филиповски од СДСМ. Докторот Оливер Зафировски е изборот од опозициската партија за карпошани. За ривали во Карпош Зафировски ќе ги има Душко Весковски од СДСМ, како и коалицискиот партнер на ВМРО ДПМНЕ, претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски.

Во Битола партијата го номинира Тони Коњановски, а за Струмица кандидат е Жан Дрвошанов. Од скопските општини, ВМРО-ДПМНЕ , свој кандидат нема за општина Шуто Оризари каде ќе биде поддржан кандидатот на нивниот коалиционен партнер. Познати се кандидатите и за Кичево, Крива Паланка, Старо Нагоричани и Долнени.

Владејачката партија ден претходно го откри и последниот кандидат за градоначалник. Актуелниот градоначалник на Кочани, Николчо Илиев ја доби поддршка од раководството на СДСМ да оди на втор мандат.

Рокот за партиите да кандидираат своите фаворити за изборите на 17 октомври истекува утре на полноќ. Од Државната изборна комисија велат веќе во тек се обуките за користење на фингерпринт читачите и уверуваат дека се’ поврзано со оваа новина во изборниот процес ќе биде подготвено навреме.

На овие избори се забележува и рекордно учество на независни кандидати како за градоначалници така и за советници. Триесет независни за градоначалници и 60 за советници. Согласно роковникот, предизборната кампања стартува на 26 септември и ќе трае се до 15-ти октомври.