Одбраната на обвинетиот Орце Камчев побара укинување на мерката притвор или заменување со куќен притвор, на денешното рочиште од судењето за случајот „Плацови на Водно“. Рочиштето започна со изведување на материјални докази од обвинителството, при што јавната обвинителка Лиле Стефанова презентираше нотарски заверки на документи и потврди за плаќања од извршени купопродажби. Камчев, пак, пред судот рече дека ќе избегал, доколку имал таква намера, бидејќи шест месеци имал времен пасош. Тој побара од судот да одреди разумна кауција што треба да ја достави, за да може да подготвува одбрана од својот дом. Обвинетиот нагласи, дека седум месеци седи во притвор, иако понудил гаранција во пари, имот и акции. Одбраната на Камчев воедно посочи дека е доставена обемна медицинска документација со која се докажува дека тој имал здравствени проблеми. Судијата Илија Трпков истакна дека судот ќе се произнесе за ваквото барање на крајот од денешното рочиште.