Поради тридневната жалост прогласена на целата територија на државата поради страшната трагедија која се случи во Тетово, а во која во пожар во Ковид центар настрадаа 14 лица, политичките партии ги одложија сите јавни настани. Сепак, преку партиски соопштенија продолжуваат препукувањата.

Веќе неколку дена партиите силно тргнаа во кампања за локалните избори, со собири со граѓаните, митинзи и претставување на кандидатите. Но, до недела додека трае тридневната жалост нема да се појавуваат на терен.

Но, роковите за изборите течат. Синоќа на полноќ заврши јавниот увид во Избирачкиот список, а утре на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за изборите до Општинските изборни комисии.

До средата, 8 септември, како што соопшти ДИК, 13.916 лица се провериле во Избирачкиот список. Поднесени се вкупно 140 барања за запишување во Избирачкиот список, 31 барање за бришење на податоците од Избирачкиот список и 43 барања за измена на податоците во Избирачкиот список. Исто така, до ДИК, на е-маил адресата [email protected] се поднесени вкупно 88 барања.

На 14 септември истекува рокот до кога ДИК треба Избирачкиот список да го достави до политичките партии, кои пак до 19 септември треба да достават евентуални барања за негова корекција до Комисијата. До 24 септември, ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список, а најдоцна до 1 октомври да го потпише.
Утре на полноќ завршува рокот за поднесување на кандидатури за локалните избори до Општинските изборни комисии. Најголем дел од партиите најавуваат дека кандидатурите до ОИК ќе ги поднесат денеска до крајот на денот или утре.
Во меѓувреме тече рокот за поднесување барања до ДИК за набљудување на локалните избори.