Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со членовите на едно од најстарите и најбројни здруженија во државата, Здружението на пензионери од Битола.

На средбата се разговарало за потребите и предизвиците со кои се соочува највозрасната популација. Таа укажала дека секогаш пензионерите се високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и оти сериозно се пристапува кон изнаоѓање на најдобрите решенија.

– Говоревме за усогласување на пензиите, и за тоа  дека Пензискиот фонд е стабилен, со што пензиите ќе течат редовно и ќе растат согласно законот. Тоа им гарантира сигурна егзистенција во нивните пензионерски денови. Исто така разговаравме за отворените прашања и за нивните дилеми, на кој начин треба  да се подобри пензионерскиот стандард. Тема ни беше и сместувањето, односно вдомувањето на пензионерите, како еден од поголемите предизвици. И како  локална самоуправа и како централна власт ние продолжуваме успешно да ја спроведуваме децентрализацијата на социјалните услуги. Тука спаѓа и грижата за највозрасните лица во нивните домови, рекла Шахпаска, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.

Според Шахпаска, Општина Битола како локална самоуправа успеала да организира услуги, нега и грижа за возрасните лица, преку Црвениот Крст и преку социјалната програма на општината.

На средбата станало збор и за отворањето на дневни центри за стари лица. Пензионерите од Битола ја информирале министерката дека 70 проценти од лицата со над 70 години веќе се вакцинирани.