Косовската полиција го уапси осомничениот за убиство на 18-годишната девојка во Урошевац пред два дена. Против Дардан Кривака е изречен притвор од 30 дена, а Обвинителството ја продолжува истрагата за целосно расветлување на случајот. Засега како мотив се наведува љубомора. Според Судот во Урошевац, Кривака извршувал психичко насилство врз девојчето, а потоа и физички ја напаѓал. Насилството продолжило и во неделата ја убил, а во тоа му помогнал неговиот пријател, Арбер Сејдиу. Откако починала, двајцата го зеле нејзиното тело и го оставиле пред болницата во Урошевац.
Денеска во градот се одржа протест во организација на Косовскиот центар за родови студии. Демонстрантите побараа максимална казна за сторителот на убиството.
„Овој случај на фемицид, покрај откривањето на насилниот патријархален менталитет, тој е показател за институционалното потфрлување во третманот и безбедноста на жените“, изјави Бјешка Гури, организатор на протестот.
Министерката за правда, Албулена Хаџиу, исто така, се приклучи на протестниот марш и упати критики кон судските власти затоа што осомничениот убиец имал обвинение уште од 2013 година.
„Покрај големата болка што ја имаме за загубата на Маригона, имаме уште еден скандал од правосудниот систем каде што нема дејствија против криминални случаи. Чудно е како лицето кое е осомничено или имало обвинение било на слобода и покрај другите дела за кои е осомничен и не бил задржан на судење“, рече Албулена Хаџиу, министер за правда на Косово.
Премиерот на Косово, Албин Курти, повика на прекин на насилството врз жените и апелираше сите такви случаи да се пријавуваат до надлежните органи.
Алсат