Бесими и Ковачевски се фалат со кредитен рејтинг класифициран со поимот „ѓубре“, државата е високо ризична според Стандард и Пурс. Македонија според оваа класификација е земја со висок ризик за неможност да ги финансира своите долгови кон кредиторите, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ББ – кредитниот рејтинг во полето на високоризични земји го одвраќа секој инвеститор или комерцијална банка која ќе сака да и позајми пари на државата или да го стори тоа, но по енормно високи камати. Оваа оценка на Стандард и Пурс кажува дека сите кредити во иднина ќе бидат со потенцијално повисоки камати. Стандард и Пурс само потврдува она за кое со години алармираме, дека Заев ја движи Македонија кон инсолвентност. За прв пат долгот е над 7 милијарди евра и за само 4 години е зголемен скоро двојно, посочуваат од партијата.

Инаку, кредитната агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг ББ-, со стабилен изглед за Република Северна Македонија.

„Потврдата на кредитниот рејтинг од страна на кредитната агенција е само уште една потврда за позитивните економски политики коишто ги спроведува Владата“, објави на својата Фејсбук страница Министерството за финанси.