Албанија сè уште го чека првиот контингент од 300 авганистански државјани. Летот се очекуваше вчера околу 17 часот, но тоа не се случи. Никој не објави конкретни информации, но главната причина е хаотичната ситуација на аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул, чиј периметар е опкружен со контролни пунктови поставени од Талибанците. Албански државен функционер изјави дека лет се очекува денеска, но додаде дека ништо не е сигурно.

Advertisements

Во исчекување е и Косово, но ниту таму не се знае кога ќе пристигне првиот контингент. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во интервју за Би-Би-Си рече дека ситуацијата во Авганистан потсетува на периодот кога самите граѓани на Косово ги напуштаа своите домови за да избегаат од српската војска.

Ова се сцени што го кршат срцето. Подготвени сме и ја покажавме оваа подготвеност без двоумење. Сè уште се расправа за точниот број, но не можеме да им кажеме ‘не’ на овие бегалци и луѓе кои имаат потреба… Колку што имаме простор, ќе го искористиме за да ги сместиме – изјави Вјоса Османи- претседателка на Косово.

Првите 200 авганистански бегалци пристигнаа во Франција, но европските земји имаат различни политики. Некои се подготвени да прифатат само соработници на НАТО, САД и меѓународни организации, но не и други авганистански државјани. Министрите за внатрешни работи на ЕУ повикуваат на итен самит за ова прашање. Австрија целосно одби да прифати Авганистанци, исто и Грција. Шпанската влада им нуди привремен престој само на оние кои соработувале со Западот и кои мора да бидат евакуирани од хуманитарни причини. Дури и Холандија обезбеди сместување само за оние кои дале свој придонес во одржувањето на мирот во текот на изминатите 20 години. Првиот холандски лет за евакуација мораше да биде откажан поради хаотичните услови на аеродромот во Кабул. А, денеска Талибанците го прославија Денот на независноста на Авганистан објавувајќи победа над САД кои ги опишаа како „моќна и арогантна сила“.

А, во Вашингтон, американскиот заменик-државен секретар Венди Шерман изјави дека Талибанците постапуваат спротивно на нивните јавни изјави и обврски кон американската влада, спречувајќи авганистански државјани да влезат на аеродромот во Кабул.

Нашиот тим во Доха и нашите воени партнери во Кабул се посветени на директна комуникација со Талибанците, за да стане јасно дека очекуваме од нив да им дозволат на сите американски државјани, сите државјани на трети земји и сите Авганистанци кои сакаат да заминат, да го сторат тоа безбедно -рече Венди Шерман – американски државен потсекретар.

Американските сили ќе останат во Авганистан додека сите американски државјани не ја напуштат земјата, дури и ако тоа значи да останат по истекот на рокот од 31 август, најави претседателот Џо Бајден. Од неделата на аеродромот и околината загинаа 12 лица. Од Авганистан досега избегаа околу 8.000 граѓани.

Еви Шкопи