Прифатниот центар за странци е наменет за привремено задржување на странци во случаи кога се исполнети условите содржани во одредбите на Законот за странци односно за сместување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да биде отстранет од земјата.
Моментално во Прифатниот центар се наоѓаат 11 лица, од кои девет мажи и две жени (Гамбија -3, Косово -3, Пакистан -2, Сенегал -1, Турција -1, Португалија -1). Најчесто станува збор за сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа или престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица кои се затекнале тука без документ за идентификација и сл.
-Прифатни центри за странци има во секоја држава и тие апсолутно немаат врска со мигрантите, како што одредени медиуми повремено ја дезинформираат јавноста, пласирајќи лажни вести. За таа намена во државата функционираат два транзитни центра во Гевгелија и Табановце, кои се од исклучиво транзитен карактер и кои немаат никаква допирна точки со Центарот за странци, нагласуваат од МВР.
Прифатниот центар во Гази Баба функционира непрекинато веќе 20 години, а согласно Законот за странци од март 2006 година центарот станува Прифатен центар за странци и од тогаш сѐ уште функционира во истата форма и служи за истата намена.
Според МВР, Центарот во Гази Баба иако е сместен на локација на густо населено место, од неговото отворање, па до денес не е регистриран случај каде локалното население било загрозено од страна на привремено задржаните лица за време на нивниот престој во Центарот, не се регистрирани никакви нарушувања на јавен ред и мир од лицата кои биле времено сместени во него, ниту пак се пријавени евентуални штети по локалното население.
-Првите странски државјани се примени во центарот на 4 април 2001 година и истите беа жртви на трговија со луѓе. Најголем број на привремено задржани лица на годишно ниво беше регистриран во периодот од 2013 до 2016 година, потоа се намалува и во 2020 година (119 лица во текот на целата година, кои останале по неколку дена во Центарот) бележиме најмал бројот на привремено задржани лица, појаснуваат од МВР.
Предноста од дислокација на Центарот е тоа што ќе има полесен пристап до и од објектот во било кое време од денот, а тоа предвидува редовни смени на персоналот, транспорт на лицата до копнените гранични премини и до меѓународниот аеродром заради извршување на мерка протерување, транспорт до надлежните судови, до болници… Побрза реакција и пристап при вонредни настани како што се пожари, природни непогоди и слично но и поефикасно функционирање на ПЦС, со намалени трошоци за загревање.
Со цел подобрување на моменталните расположливи услови на постоешкиот Прифатен центар за странци, во тек е изградба на нов објект на Прифатен центар за странци, финансиран со средства од Европската Унија во рамките на Националната ИПА програма за 2016 година, чиј главен корисник е Министерството за внатрешни работи.