Јавниот градски автобуски превоз во Тетово почна да се одвива денеска со промотивно возење на една од линиите.  Претставници од општинскиот Совет и од јавни претријатија, како и новинарски екипи, со автобус на „Тетово транспорт“  поминаа делница од автобуската станица,  преку булеварите „Видое Смилевски-Бато“ и „Маршал Тито“ и „Илинденска“ се до Универзитетот на Југоисточна Европа и назад.

Возењето почна околу 9.30 часот – дел од денот кога има сообраќаен метеж, најпрво кај пазарот, а потоа и на булеварот „Илинденска“ каде мораше да се вози полека во колона и во прва брзина. Од автобуската станица до Универзитетот на ЈИЕ автобусот мораше да застане четири пати зашто не можеше да го продолжи патот поради неправилно паркирани возила.    За за помине од автобуската станица до плоштадот му беа потребни речиси осум минути, а од  Универзитетот па назад до автобуската станица му требаа 22 минути со едно застанување на автобуска постојка кај Шарена џамија.

Завршува голем проект со јавен превоз во градот Тетово, една долга приказна заврши како успешна мисија. Заслуга е на градоначалничката, советниците од Советот, администрацијата и Министерството за финансии. Голем ден е денес за Тетово, сите граѓани да се возат со градските автобуси со цел да имаме помалку метеж во сообраќајот и така да ги чуваме автобусите, изјави претседателот на Советот Беким Мемети.

Директорот на општинското претријатие „Тетово Транспорт“ Дарко Спировски објасни дека досега се работело на административни, технички и оперативно аспекти со цел да се воспатават линии, да се расчистат патишта со цел движење на автобусите.

-Ќе имаме соработка со полицијата да се обезбедат реални услови автобусите да се движат регуларно и за определениот рок да стигаат од станица до станица. Во наредните 10 дена ќе има период на прилгодување на нас кон граѓани и од граѓаните кон користењето на автобусите. Воедно сметам дека ќе се подигне свест на возачите да не паркираат возила пред автобуски постојки.  Првите 10 дена ќе бидат промотивен период и беспатно ќе може да се користат услугите, изјави Спировски.