Антикорупциска најавува дека интензивно ќе ја следи изборната кампања, односно дали ќе има незаконско користење на буџетските средства, но и злоупотреба на државни ресурси. И пред овие избори од Антикорупциска комисија укажаа што не смеат да прават државните институции особено општинската власт, по распишувањето на локалните избори.

„Не може да се започне изградба со средства од буџет или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата. Институциите не смеат да вршат исплати на плати, пензии, социјална помош или други исплати на материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавни фондови кои не се редовни месечни исплати“, вели Билјана Ивановска.

„Државната изборна комисија ќе го обнови и оваа година регистерот на возила на државни органи, органи на локална самоуправа, јавни претпријатија. Тој го објавуваме веќе две години наназад и се покажа како доста ефективна во контролирањето на користењето на службените возила за партиски цели“, додава Катица Николовска.

Но досегашната пракса покажува дека заобиколувањето на овие забрани се прави доста умешно, односно се објавуваат конкурси, или се носат одлуки за исплати на бонуси ден пред распишувањето на изборите, како што тоа е примерот со објавувањето на одлуката на Владата за доделување бонуси на администрацијата, а воедно и огласите за вработување се објавуваат исто така пред распишувањето на изборите.

„Со самото објавување тие ги ставаат во заложничка позиција оние кои што очекуваат да бидат вработени и тоа може да си го користат како класичен клиентелизам, односно како обезбедување на гласови. Минатата година бевме сведоци дека, не се започнуваше изградба, меѓутоа се имаше сликање пред веќе започнати објекти, што тоа не е наведено во законот“, додава Билјана Ивановска.

Антикорупциска објави и повик за пријавување на 50 набљудувачи за речиси сите општини кои треба да следат дали има прекршувања во текот на изборната кампања. Истовремено на самата веб страна граѓаните ќе имаат можност и самите да пријават одредена злоупотреба.