Тензично пред влезот на Поликлиниката во Чаир каде е сместен вакцинален пункт. Турканици, кавги и погрдни зборови меѓу граѓаните кои чекаа на ред за да се вакцинираат. Полицијата се трудеше да го одржи редот, пренесува ТВ21.

Некои бараа да се почитуваат термините кои ги имаат закажано за имунизација. Имаше и граѓани кои чекаа и по 3 часа…

67-годишниот Исни Вила вели дека одлучил да се вакцинира поради страв, но и новите рестриктивни мерки.

-Веќе два часа сум тука. Нема никаков ред. Ништо нема. Народот полуде.
-Зошто одлучивте да се вакцинирате?
-Малку од страв, малку поради мерките. Затоа одлучивме да се вакцинираме.

Маж и жена велат дека веќе три дена доаѓаат за ревакцинација, но поради големата гужва не можат да дојдат на ред.

За постарите граѓани беше потешко да чекаат на топлото време.

-Веќе еден час чекаме. Ни рекоа да ја примиме вакцината „примете ја, примете ја вакцината“, еве сега чекаме. Иако имам термин, не важи. Потоа имало корона, епа ќе има. Видете каква е состојбата. Без дистанца.

Од Министерството за здравство информира дека во изминативе 24 часа се вакцинирале 16.020 граѓани. Последните податоци велат дека во земјата се аплицирани вкупно 1.016.700 дози, а ревакцинирани се 454.788 граѓани.