Веќе неколку дена гори планината над село Раховиќ, општина Сарај. Со оглед на тоа дека теренот е непристапен, пожарникарите не можеа да интервенираат од земја. На сред село денеска е позициониран тим на пожарникари и Армијата. Жителите тврдат дека пожарот веќе неколку дена е активен, но само денеска има напори за негово гаснење.

„Доста се обидоа да го гасат пожарот но бидејќи теренот е многу тежок, возилата не одат дотаму, противпожарните возила не можат да одат“, вели жител.

„Сметам дека е опасно, доколку не се локализира од страна на противпожарната единици тогаш и селото може да биде под опасност и да се загрозат и селаните“, додава жител.

Арсим Селмани од Дирекцијата за заштита и спасување, рече дека штом добиле барање за помош од страна на градоначалникот на Сарај, веднаш излегле на терен, но чекаат авионите да ја направат нивната работа и потоа да се интервенира од земја.

„Дури вчера сум информиран од градоначалникот, имало во неколку села Ласкарци и Рашче, во село Раховиќ не сме имале барање кое треба да биде доставено од градоначалникот. Вчера директно градоначалникот на Сарај контактирале со нашиот директор и побарал помош. Јас со екипа од четири лица се качивме да го видиме состојбата на терен“, посочи Арсим Селмани.

Село Раховиќ е опкружено со шуми и таму живеат околу 10 жители и има 30 куќи. Жителите кои живеат тука стравуваат дека ќе се уништи најголемо богатство на селото – природата.