Сите села во чија близина беснеат пожари се обезбедени со сите оние методи кои ги користи било која противпожарна служба во светот, информира на денешната прес-конференција в.д. директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека се изорани местата и направена е тампон зона преку која пожарот не може да премине. На линијата се поставени цистерни доколку пожарот премине од другата страна на тампон зоната да можат да дејствуваат и да не биде загрозено селото.

– Опасноста енамалена и сега сме концентрирани кон шумите. Предмалку пожарот над селото Будинари повторно се разгоре од нигде никаде. Вчера бев очевидец, на едно место само малку чадеше, за неколку минути имавме пламен до небото. Огнени јазици високи по десетина метри. Борот е лесно запаллива материја, на него има смола. Оганот не ги гори целите дрвја, но ја гори смолата и лисјата. Затоа и тешко се справуваме со него. Додека пожарите кои се во шума со бука и друго листопадно дрво се релативно поедноставни за справување, вели Ангелов.

Според него, не се точни тврдењата дека било каде локалното население го изгаснало кој било пожар. Не се точни ниту информациите кои синоќа се појавија на социјалните мрежи дека пожарот над Будинарци е веднаш до селото.

Пожарот над Будинарци има променливо темпо. На терен имаме сили кои постојано се подготвени да реагираат доколку пожарот тргне кон селото, рече Ангелов.