Опозициската политичарка и соработничка на Алексеј Навални, Љубов Собол, замина за Турција, и покрај забраната на судот да ја напушти Москва и Московскиот регион, објави РЕН-ТВ, повикувајќи се на извори. Подоцна, истата информација ја пренесоа уште неколку руски медиуми, објави Дојче веле.
Според соговорникот на РЕН-ТВ, Собол полетала за Истанбул со лет од аеродромот Внуково вечерта на 7 август. Во Турција таа треба да се качи во друг авион, но конечната дестинација на нејзиното патување се уште не е позната, објави медиумот.
На 3 август, суд во Москва ја прогласи Љубов Собол за виновна поради поттикнување кршење на здравствените и епидемиолошките мерки во рамки на таканаречениот „Санитарен случај“. Судот така ги толкуваше повиците на Собол и другите поддржувачи на опозицискиот лидер Алексеј Навални да учествуваат на митингот за негова поддршка на 23 јануари.
Како резултат на тоа, таа беше осудена на 1,5 година затвор. Во тој период, на Собол и беше забрането да го напушта својот дом од 22 часот до 6 часот наутро, да присуствува на јавни настани и да патува надвор од Москва и Московскиот регион