Владата донесе неколку одлуки поврзани со пожарите кои ќе важат и за беровско-пехчевскиот регион и во Старо Нагоричане, каде иако пожарот беше угаснат со засилување на ветерот повторно стои огнот. Премиерот Зоран Заев кој од утрово е во беровскиот регион очекува денес или најдоцна до утре пожарот кај Будинарци да биде изгаснат.

 

-Сепак тлеат, боровите шуми се опасни, смолата си го прави своето. Важно е да знаат граѓаните дека ги регулиравме сите оние детали околу обезбедување и рационално распоредување на силите, мораме и овие пожарникарите наши, војската, полицијата, шумските професионалци кои работат да направиме рационален распоред, заради тоа што летото е секако пред нас, рече Заев во својата изјава за МИА.

Додаде дека се регулирани сите одлуки околу прелетите на странските воздухоплови.

-Донесени се одлуки за користење на нашето небо, нормално за да не се плаќа, регулирани се постапките, за како да се плаќа таксата околу ТАВ аеродромот, донесена е одлука за соодветните резерви да се обезбедат околу керозинот и во гориво во нафта и другите ресурси, дополнително по проценка и на Штабот на Центарот за управување со кризи за одредени алатки кои што мораат навремено да бидат обезбедени, а се потрошени овие денови и слични други одлуки кои што се важни, додаде премиерот.

Порача сите да бидат целосно фокусирани на она што се случува и нагласи дека дефинитивно Берово останува место каде е најголемиот пожар во државата, што според него не значи дека до крајот на денот може да настане и друг поголем пожар.

-Температурите се исто така високи, да се надеваме дека ветрот ќе намали затоа што ветрот е предизвикувач на масовноста на опожарувањето на шумите. Со целокупниот распоред на сите наши сили потпомогнати од странците кои што се овде, уште еднаш кога ги спомнуваме упатуваме благодарност до Австријците, до Словенците, до Бугарите, до Србите, до сите кои што ни помагаат, денеска ќе прават тури, интервенции и романските авиони, се очекува и вториот авион денеска да стигне, вчера интервенираше и првиот воздухоплов од Романија, секако се работи за професионалци луѓе кои што верувам дека ќе бидат од огромна помош, додаде премиерот Заев.

Дефинитивно е месец на пожарите, денес е ,,Св.Петка”, јас сум православен верник нека од биде од помош на сите граѓани, но и на сите што ни помагаат околу овие ризици и да се надеваме дека се повеќе и повеќе ќе бидат ставени под контрола сите пожари во државата, рече на крај од својата изјава македонскиот премиер.