Центарот за управување со кризи известува дека се уште се активни седум пожари. Се уште е критично кај селото Будинарци, иако пожарот е нешто намален, сепак огнот е длабоко во шумата се гаси единствено од воздух, а тука дејствува и авионот Спартан кој Романија го испрати за да помогне во гасењето на пожарите, чиј капацитет е исфрлање на 6 тони вода. Нов пожар има во велешко Џидимирци и на потегот кај скопски Петровец со Велес.

-Пехчевскиот-беровски регион, пожарот таму се уште е активен, иако е со намален интензитет, сепак гори. Во моментот сега додека ја држиме прес конференцијата таму дејствуваат авионот Спартан на романското воено воздухопловство. Повлечени се силите кои на копно дејствуваа, со оглед дека има голем домет авионот, се дејствува од воздух само. Пожарот во делчевскиот реон кај село Нов Истевник е заобиколен од сите страни и се внимава да не се прошири меѓутоа се уште е активен. Друг активен пожар кој го имаме е пожарот во велешко Џидимирци. Гори висока трева и дабова шума, изјави Марија Милкова од ЦУК.

-Авионот делуваше веќе два пати останува да направи уште еден налет а потоа ќе продолжат армиските хеликоптери. За рационализација на времето, за намалувањето на потребното време на гаснење од страна на хеликоптерите на лице место, односно на само неколку километри од пожарот однесовме цистерна со керозин каде што хеликоптерите полнат гориво и нема потреба да летаат до Скопје со што значително го скративме времето и воедно на истото место полнат вода, односно во близина полнат вода од базен за да не се губи време да се оди до вештачките акумулации кои што се малку подалеку, изјави Стојанче Ангелов директор на ЦУК.