Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за постоење кризна состојба на терироријата на државата, во траење од 30 дена, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивното ширење.

Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа на 4.8.2021 година во попладневните часови го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари.

Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење.

Што значи кризна состојба:

Кризна состојба е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси.

Законот и овозможува на Владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и  сериозна според јачината и обемот на кризата.

Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или добро- волно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.

Кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена.