Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека утрово во Белград се сретнал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а во делегацијата бил и потпретседателот на партијата Александар Николовски и лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ.

На средбата, како што вели Мицкоски, се разговарало за продлабочување на соработката на двете сестрински партии во рамките на Европската народна партија, потоа за европските перспективи и регионалната соработка.

Посочив дека потребно е регионот конечно да направи сериозен чекор во однос на борбата и потрагата за подобар живот и посреќни граѓани. Иднината на регионот не е во градење на ѕидови, туку мостови кои ќе донесат подобар и побогат живот за сите, посочувајќи дека европското интегрирање треба да биде акцелератор на тие процеси. Истакнавме подготвеност за продлабочена соработка во рамките на Европската народна партија. Вучиќ даде поддршка на позициите за развој на соработката и продлабочено пријателство, како и иницијативата “мини шенген” која не смее да се гледа како алтернатива на Европската Унија туку како на начин на премостување на бариерите и развој на државите, напиша Мицкоски.

Оваа средба на Мицкоски со Вучиќ доаѓа само еден ден откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во своето обраќање во струшко Ташмаруништа по повод Илинден го искритикува Зоран Заев за „мини шенген“, кој според него гледа алтернатива за ЕУ.

– Македонија е европска земја, и нашето место е токму таму, во семејството на Европската унија, а она што за Заев сега е Европа, и го вика Мини Шенген, тоа само значи дека донел уште еден пораз за државата и не е способен да ја исполни нашата најголема стратешка цел, членството во Унијата. Париз, Брисел и Берлин, не може да бидат, со должно почитување кон нашите соседи Врање, ниту пак Драч. Но, гумата за спасување на Заев која се вика Мини Шенген е само доказ колку државава тапка во место, и колку имаме неуспешна влада, порача вчера Мицкоски од Ташмаруништа.