Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче заедно со пратеничките Марија Костадинова и Драгица Ѓавочанова и градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков, денеска беа на увид на реконструираната Општа Болница во Гевгелија каде е изградена нова современа хируршка сала со нова медицинска опрема и во центарот за дијабетес и одделот за физикална терапија.
Вкупната вредност на работите што беа изведени изнесува 375.000 евра и беа опфатени и други значајни дополнувања како што се новиот центар за дијабет, нова комплетно опремена лабораторија, амбуланти за неврологија, урологија и ортопедија, и современи чекални, истакна премиерот Заев и како особено значајно ја издвои новоизградената современа хируршка сала и набавката на медицинска опрема во вредност поголема од 250.000 евра за салата за хирургија, за центарот за дијабетес и за Одделот за физикална терапија.
Болницата сега располага и со нов ехо апарат на Одделот за рентген дијагностика и со комплетно реновирани одделенија за хирургија, за нервни болести и за гинеколошко акушерски болести, објасни премиерот Заев и рече дека со сите овие сериозни вложувања во болницата, како и во голем број други јавно здравствени установи, Владата ја потврдува својата цврста определба за градење на одржлив и ефикасен здравствен систем кој ќе им биде силна потпора на граѓаните.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека до крајот на годината оваа болница ќе добие апарат за компјутерска томографија, што многу ќе го олесни пристапот за вакви испитувања.
Ќе продолжиме со зголемување на платите благодарение на оваа Влада , близу 30 милиони евра во изминатите три години се вложија во зголемување на примањата на здравствените работници во нашата земја. Драго ми е што сè повеќе млади доктори патот не го гледаат надвор од нашата земја и сакаат да работат тука во нашите здравствени установи, рече министерот Филипче.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.